Младен СРБИНОВСКИ. МАРИОВЦИТЕ. лица: ПЕЈО, овчар МИТРА, бојаџика БЕЖАН, ковач НАСРЕДИН, оџа БЕГОТ ТРПЕ ТРАЈКО ТРПАНА ТРАЈАНКА СЛЕПЕЦОТ (глас на игуменот) Мариово пред многу, многу години. Одамна. Селска чистинка. На една страна од сцената, столчиња и греди кај што се собираат селани, обично, под сенка на големо дрво. На спротивната страна на сцената има мало врамено платно, кое осветлено одзади, на моменти, служи за караѓоз сцена. Длабочината на сцената е затворена со спуштено големо платно што на моменти, одзади се осветлува. КАРАЃОЗ СЦЕНА (Се осветлува малото платно. На платното се забележува силуета на топчест предмет. Наденати на стапче, силуети на две човечки фигурички, Пејо и Насредин, се доведуваат до силуетата на топката. Движењата на фигурите се следат со тропање на даире.) ГЛАСОТ НА ПЕЈО Мариовци, Мариовци! Тиквата се стркала в река и ја попречи водата на Црна! Се прави голем вир, огромен! Вирот ќе се излее, сите ќе н? издави! Мариовци, слушате ли?! Да ја искршиме, дури е време! Побрзајте!... ГЛАСОТ НА НАСРЕДИН Колкава нараснала, мајката... Олкава тиква до сега немам видено во царштинава. Кога ќе ја искршите, јас ќе ги земам семките. ќе му ги однесам на султанот... Ова го нема по неговите полиња. В бавча да му никне олкава тиква. ГЛАСОТ НА ПЕЈО Нема да му порасне олкава... ГЛАСОТ НА НАСРЕДИН Зашто? Мислиш до земјата е? ГЛАСОТ НА ПЕЈО До поднебјето. Полна е смрдеа. Од смрдеа олку нараснуваат. Сите мариовци во иста тиква прдиме. ГЛАСОТ НА НАСРЕДИН Тогаш... да не ја кршиме... Смрдеата ќе н? отруе сите. ГЛАСОТ НА ПЕЈО Ако не ја искршиме, Црна ќе н? издави. Вителот нараснува. ГЛАСОТ НА НАСРЕДИН Подобро давење во вода отколку да се удавиме во својата смрдеа. Срам ќе падне на царштината. ГЛАСОТ НА ПЕЈО А да можеме некако, нескршена да ја однесеме на султанот в Стамбол?... ГЛАСОТ НА НАСРЕДИН Е, да успееме, ептен ќеиф ќе му падне. мрак 2. СРЕДСЕЛО (Големото платно осветлено одзади. Силуетите на Трпе и Трајко осветлени од половина нагоре, очигледно во дупка, копаат. Околу нив, силуети на два, три искривени крстови.) ТРАЈКО Копај бе, Трпе... Барем да не фаќавме, подобро... ТРПЕ Лопатава се доискрши. Колку дупки ископавме деновиве... На првата дупка, лопата сама ми играше в раце. Чиниш, сама црпеше... ТРАЈКО Сега, затоа фативме со копањето пред време... Не можеме да го навасаме волот. ТРПЕ И тој набодува, ама и ние не седевме... Види што с? закопавме. Ние да не бевме, незапретани ќе останеа... ТРАЈКО Сигурно се вртат в гроб. Земјата им е поткрената. ТРПЕ Шепотеа и кога ги запретувавме... Беа недооладени. ТРАЈКО Ги запретавме зашто шепотеа... Да викаа посилно, ќе се најдеше некој за помош... Волот беговски, дијанија е... (Влегува Насредин оџа со голем турбан на глава.) НАСРЕДИН Аирлија работа бре, мариовци. ТРАЈКО Сполајти ефенди. Да ти се врати и на твоја глава. НАСРЕДИН Што сте запнале толку на горештинава? ТРПЕ Копаме гроб, ефенди. НАСРЕДИН Гроб?... Како не го мрзеше да умре на оваа горештина... ТРПЕ Никој нема умрено. НАСРЕДИН Па за кого копате гроб ? ТРПЕ Да се најде. ТРАЈКО Кому треба, сам ќе влезе. НАСРЕДИН Многу длабоко копате... ТРПЕ Мариовци и кога умираат се пишман. Наместо да мислат за таму, на нив умот им е ваму... што ќе видат... Сите што ги закопавме, имаат ниет да се вратат. ТРАЈКО Внимавај ефенди, волот! Кај нас, в дупка скокај! ( Насредин скока в дупка. Трпана и Трајанка, покриени со ќебе, маскирани во силуета на вол, со залет влегуваат зад платното. Вртат и гребат со нозете од околу. Полека од дупката се подава чалмата на Насредин ставена на рачка од лопатите. Трпана и Трајанка го вадат ќебето од себе. Тројцата од дупката ги подаваат главите. ) НАСРЕДИН Ќе ме отепавте бе акмаци!.. ТРПЕ Акмаџи, ефенди, акмаџи, Трпана и Трајанка. ТРПАНА Добро што бевме ние, ефенди. Да беше вистинскиот вол... ТРАЈАНКА Сега пченица ќе ви раздававме... За една недела, до сега на шест мина пчницата им ја изедовме. Од дупка не ќе се подадевте... ТРПЕ Не спомнувајте веќе пченица!.. Отековме од џвакање. В шкембе ќе ми никне. ТРПАНА Нашето дереџе во Мариово, ефенди, е сам да си легнеш в земја. Ние не можеме од волот да ве спасиме, сакавме чалмата да ви ја спасиме... НАСРЕДИН Селото ви е до гробиштата или гробиштата до селото? Прво влегување во Мариово, и паднав в гроб. Однапред сте ги наредиле гробиштата, па куќите. ТРАЈКО Животот без нив е бадијала. ТРПЕ Прво запознај се со мртвите, па со живите. ТРПАНА С? што чини во Мариово е под земја. Ние одозгора сме чурукот. НАСРЕДИН Јас сум Насредин оџа. Сум шетал, сум шетал по светов ама ова не бев го видел... Да стапнам под земја, меѓу мртвите, да ве видам поарно живите?... ТРАЈКО Не си згрешил. В гробишта е спасот. Овде никој, ништо не ти може. Да дојдеш во Мариово е ко да си отишол на тој свет. ТРАЈАНКА Тој свет и овој свет, наврени се еден на друг. Радувај се ефенди, мариовци што копаат големи дупки. Се спаси. Затоа, добре ни дијде во Мариово. НАСРЕДИН Ама пречек за добредојде?... (Се гасне светлото од зад платното. Артистите излегуваат на осветлената сцена. Митра и Слепецот веќе се седнати. Слепецот држи на раце пасмо црна преѓа а Митра ја мота во клопче. ТРАЈАНКА Станете вие двајца, оставете ја преѓата... Ни дојде нов Турчин во Мариово. Да го пречекаме... СЛЕПЕЦОТ Не можам да станам бе, Трајанке од вашиве преѓи... Сите сте запнале да носите црнина. ТРПАНА Носиме и црно меѓу нозе... Ај потрпи уште малку! Што ти фали тука, под сенка?! СЛЕПЕЦОТ Не сте задоволни? Никој од мене повеќе не ви ја држел волната... Многу ставате оцет, сакате да ви свети црното... Не се трпи киселојната... Црева откорнав од повраќање. ТРПАНА Постојано киселка, ама никојпат не се расипува... Ај, извади го кавалот, засвири нешто за гостинот. МИТРА Со што да те почестиме, ефенди... Нов оџа дошол во Мариово, со брада. Да си за кафе, Турчин си, препиен си. Да си за ручек, времето за ручање поминато е, ручан си. Да си за вино, горештина е, главата ќе те фркне... Остана од пченицата за душа на мртвите, пробај, ако сакаш... НАСРЕДИН Е, сполај ви на убавиот пречек, мариовци. Помолете се за моја душа, а јас ќе сркнам за покој на вашите души. (Почнува тивка музика. Додека зборуваат, сите играат некаква мешавина од селски танц). ТРПЕ Сите ние нешто се молиме, честит ефенди... Кој знае само чија молитва Господ ќе ја слушне. Ако ги послуша кучињата, саде пастрма ќе врнеше. НАСРЕДИН Ако ги послуша магарињата, сега самар не ќе се најдеше на пазар... Магарено мое, врзано за плотон, златни лири испрдува. Кој на верува, нека појде зад него да провери. До сега, сигурно веќе испрдело... ТРАЈКО Е, ова претеравте, ефенди. Стар сте, веќе со бела брада, ама не ви верувам. Ако сме ние прости селани а вие од центарот на царштината, не верувам. (Влегува Бежан) БЕЖАН Многу ви години, честит ефенди. НАСРЕДИН Кој ви е овој поцрнет? Од казанот со црнилата, Митра како со стап да го извадила? БЕЖАН Јас сум Бежан ковачот, беговски и мариовски. Сите алатки за рајата и сета стока беговска, јас ја потковувам. Слушнав, слушнав за вас, па ја оставив за момент работата. Не е зајак, ќе побегне... Дојдов да ви посакам добредојде. НАСРЕДИН Е, ашколсун. Ајде и ти малку поиграј. Види што убаво играат. Само, многу гнасен си меѓу мариовциве. БЕЖАН (Настрана, сам игра на некој друг такт). МИТРА За тоа, колај работа, честит ефендија. Многу сме чист народ. Црна ни е до газот. Кога ќе ни текне, одиме на река да переме. Гледај што е: на сите плотови се сушат алишта и преѓи. ТРАЈКО Јас многу сакам на мојава Трајанка коритото со алишта и пиралката да ? ги носам на река. ТРПЕ И јас, и јас... Сите мариовки ги познавам по газовите. Не треба да ги видам во лицето. ТРАЈАНКА Маживе наши ништо нејќат дома да пофатат. Или под сенка овде, или коритата ни ги носат... Наведнати, навртени кон нив, што е за право, имаат што да видат на нас. Да ти се здосака, цел ден да переш. Пери преперувај, снага не исправаме... Нишајќи се в колкови, уште еднаш праното го преперуваме. Инаку, нема кој да дојде да те донесе до река... СЛЕПЕЦОТ А голема е Црна с? да очисти? ТРПЕ Подобро ќорчо што не гледаш да видиш што страотилаци е Црна. Цели ноќи се давам во неа... Едвај чекам први петли да пропеат... СЛЕПЕЦОТ Ако мириса скислено како црново вапцано, подобро што не можам да гледам. Црева ми се откорнаа од повраќање. :исти, пречисти, газот јајчарник. НАСРЕДИН А бре, чешит мариовци, сите едно танцувате, Бежан настрана, сам по свое танцува... (Престанува музиката) БЕЖАН Тука е проблемот, честит ефенди. Јас друга музика в уши слушам. Јас сум мариовскиот кмет. Кога нешто кметот ќе му згреши на бегот, го сменува, го праќа сургун... Вчера бегот мене ме избра за нов кмет. Сега имам власт, ама бргу врви времето, ќе настрадам, ќе ме смени. Идејќи наваму, честит ефендија, поминав покрај непознатоно, сиво магаре, врзано за плот и зад него, да не ви се верува, на земја нешто свети... Се наведнав, гледам, златна лира! Само царско магаре, си велам, сере лири. Ваша си е, еве, ефенди, земете ја. НАСРЕДИН (Ја зема монетата.) Ашколсун, ашколсун, бегот избрал вистински човек. Црн си, ама бела среќа носиш. Мало е Мариово, ќе се снајдеш, не плаши се. Никојпат нема да те смени, ти никогаш сургун нема да заминеш. БЕЖАН Мало е зашто е изгужвано. Целото, тумби и долови. Ми иде сила, мислам, под наковална да го ставам, со чекан ќе го израмнам да се прошири. Како алиштава, ќе го испереме на Црна и на плот ќе го исушиме. ќе се стори како ново. Волот ни крши работа... НАСРЕДИН Ич да не се грижите за тоа. вие повеќе ќе закопате мртовци од што може волот да отепа. Чиј е волот? БЕЖАН На бегот. ТРПЕ Бегот си е добар. ТРАЈКО Немаме ништо против бегот... ТРАЈАНКА Ни против волот... НАСРЕДИН Тој што ви отепа шест души до сега?... ТРПАНА Да, ефенди. НАСРЕДИН Тогаш, на кого имате кимка?! БЕЖАН На Пејо. На волот беговски ништо не му можеме, ама на Пеја, можеме. НАСРЕДИН Кој е тој Пејо? БЕЖАН Овчар на бегот. Тој го одгледа подивениот вол. Го порасна од мало теле. Бегот нејќе да го заколе, народов на мене се жали... За него ќе ме симнат од власт! НАСРЕДИН А бре, мариовци, кај може овчар да знае што вол ќе стане од секое теле? А бегот ако се налути да отепате негов овчар? ТРАЈАНКА На бегот не му е за овчарот, колку за волот... Мариово врие од овчари и говедари. ТРАЈКО Можеше Пејо уште со време да му ги скрши роговите на телето. СЛЕПЕЦОТ Можеше, ние не сме ќори. МИТРА Трај ти бе, келеш. Ај, држи си ја волната. ТРПАНА Пејо е зачнат од ѓавол!... Се роди една година по смртта на татка му!... НАСРЕДИН И никој не се пријавил за татко, па му го припишувате нагаволот. ТРАЈАНКА Гавол го направи! Работи и против бога и против луѓето! ТРПЕ В манастир беше искушениче, игуменот го истера и анатемоса да нема место меѓу нас! ТРАЈКО Најде место меѓу говедата... Се глави овчар кај бегот и сега говедата ги насрчува против нас! БЕЖАН Само Митра го заштитува. Враџаркава во него најде да се вљуби! Од мариовциве, само кај неа има поткрепа! ТРПАНА Го сака зашто е вештерка!... Цел живот се бавта со бои и тревки... ТРАЈАНКА По цели ноќи кај неа пурее и клокотат казани!... ТРПЕ Кој знае со какви мевлеми не мачкаш по приштови и какви иљачи ни даваш да голтаме?!... НАСРЕДИН Оставете ја за понатаму Митра... Побеснетиот вол уште луѓе ќе тепа... Скита и демне некого од нас. Да бараме чаре... На рогови ќе завршиме. ТРАЈКО Митра нека му направи магија со тревките... НАСРЕДИН Беговски говеда не фаќаат магии, само обичната раја... СЛЕПЕЦОТ Штом е така, на беговскиот вол да му купиме чалма, да го смириме... НАСРЕДИН Да му ја земеме мерата, па ќе му купиме... МИТРА Трајко и Трпе најубаво ти ја земаат мерата... ќе ископаат голема дупка како гробница... ТРАЈКО Ќе копаме, ќе копаме, тоа н? е занает... Ама за вол има мерка?... ТРПЕ По Мариово дури газиме, покрај Црна трскине шумолат и н? велат, немајте гајле мариовци, ден и ноќ за вас шумолиме... Кога ќе ви дојде редот, ќе пресечат еден страк од нас Трпе и Трајко и ќе ви ја измерат дупката. ТРАЈКО Само Бежан подобар алат да н? искова... МИТРА Вие ископајте пред време дупка без мерка. И Бежан зашто најдобро бега, ќе излезе пред волот да го намами на себе... Волот ќе се засили по него, Бежан ќе трча на кај дупката, ќе го излаже да падне во неа, а ние ќе се оттарасиме од волот... НАСРЕДИН Многу умно, многу аклија си била, бе Митро. ќучук Митра. БЕЖАН Не одете вие по умот нејзин, честит ефендија. Таа до Стамбол ќе ве однесе и врати, да не сетите. ТРАЈАНКА А Бежан мој ако не стигне да побегне од пред рогови на волот?... МИТРА Бежаноа мајка, секогаш бело носи. Сите на рогови ќе не качи, само Бежан на рогови никогаш не ќе заврши. БЕЖАН Е, ајде одбрани ги бе, честит ефендија? Самата прави на рогови да заврши. НАСРЕДИН Мариовци малку останале, ама ко рогови во вреќа. Јас ќе го замолам бегот да го заколе волот. Тоа е од мене, за добредојде. СЛЕПЕЦОТ Ако рече, го сака појке Пеја од волот, колај работа, ама ако рече појке го сака волот од Пеја, маф ни е работата. ТРПЕ На кој плот беше врзано вашето магаре, честит ефендија? (Сите излегуваат.) мрак 3. НАПАСУВАЊЕ ГОВЕДА (Зад платното, Пејо свири на кавал. На неговата осветлена силуета забележливо е дека рацете и нозете му се врзани. По одсечните движења, силуетата заличува на кукла од куклен театар. Му се приближува силуетата на игуменот со ќамилавка на глава.) ГЛАСОТ НА ИГУМЕНОТ Господе Исусе, што гледам?! В полноќ, в црква искушениче свири на шупелка!.. Слуго на сатаната, проклет да бидеш! Веднаш да си заминал од манастирскиве зидови! Еретику, каде да стапнеш, човек од тебе да бега! Со кого си се воортачил ѓаволу!... ГЛАСОТ НА ПЕЈО Прости ми оче, прости ми, пред Бога те молам. Искушеник сум овде неколку години... Работам, гладувам, се каам, се молам, постам, се подготвувам за божјото откровение, но ете, ноќва в сон, некоја тајна сила ми рече да појдам в црква и им засвирам на немите светци да се развеселат. Толку убаво им свирев што, мислам, сите зографисани светци, маченици, херувими и серафими заиграа по зидовиве... Прости ми, мислев тоа е провидението, испадна едноногиот ме прелагал. Ветувам: ќе се молам, ќе се влечам по колена, ќе служам и ќе ја исчистам мојата грешна душа... ГЛАСОТ НА ИГУМЕНОТ Надвор сотоно и никогаш твоја нога да не се смеша со човечка!... (Пејо почнува да ги одврзува рацете и нозете. Ја соблекува мантијата и излегува од зад платното на сцена). ПЕЈО Што ќе ми е божја вистина, човечки штом не простува ако згрешив?... Цел живот црна силуета на стапче од караѓоз театар ко Свети Симеон цел живот на врв од столб? Што живот е тоа: живот -сенка?! Бог и ѓавол се грабнаа во мене: ќе ме остават ли да останам човек? Во бога верував, тој ми ги врзуваше рацете, од ѓаволот се плашевме стави врз неговиот колец. Збогум ангели што играте на врв од игла, наденатиот ве поздравува. Сега ќе барам слобода меѓу говеда... (Седнува, вади шупелка од појас и почнува да свири. Иде Насредин). НАСРЕДИН Трева до колена, вода студена, сенки дебели а ти в ладовина свириш. Кај го има ова?... ПЕЈО Во Мариово, ефенди. Овде е среќа да си и беговско говедо а камо ли, беговски овчар. Седнете, ефенди, здивнете. Освен вода од склопциве и сув леб и пипер, немам со што да ве понудам. Да ве запознаам со ортациве... Со говедава градам ново, поубаво Мариово. На пол пат сум, уште малку... Онаа млекаркана, онаму, со големите вимиња, саде за молзење е. Оној волон, речи му влечење и не плаши се, од кал те вади. Нивната семка се со јаки вратови. А на онаа окшана, мерак имаат да ? се качуваат. Дамазлакот саде за приплод... Онаа, пак, без рогови, на молзење, го клоца млекото. Затоа е шута, роговите ? ги скршија. Она телено, нејќе да порасне, надугаво се прави. Од две крави цица... НАСРЕДИН Ти си тој Пејо што одгледал вол, до сега што отепал седум мариовци? ПЕЈО Шест, ефенди. НАСРЕДИН Твоите мариовци пред време на седмиот му ја ископаа дупката. ПЕЈО Не се изненадуваат лесно мариовци. ќе мора бикот да запне, за да ги наваса. НАСРЕДИН Биди раат. Го наговорив бегот да го заколе волот. Остана празна дупката на гробишта. ПЕЈО Празна? Кој гроб во Мариово останал празен? На секој човек кога се раѓа, наречниците му таксуваат по еден вол и чифт рогови. Кој знае чии рогови, од каде н? демнат... НАСРЕДИН Волот, на бегот му беше при срце. Едвај го наговорив... Треба да му го платите. ПЕЈО Царштината само нека зине, мариовци секогаш плаќаат. НАСРЕДИН Не мешај царштина. Од кај знае говедар што е царштина?! ПЕЈО Од шупелкава. Царштината е ко шупелкава. Однатре шуплива, на неа дупки колку сакаш, а пак свири. НАСРЕДИН Многумина изчитале дебела книга и останале говедари... Не разбрале она што ти си разбрал... ПЕЈО Сам, меѓу говедава, повеќе ги разбирам луѓето. И човешкото и говешкото е да се најадат, да се заоблат во шкембињата и да се качат едни на други. Од тоа говедава се среќни, а човекот несреќен. Тука ја утнал со нас Господ, за малку, во квасувањето. Од очи, нагоре. Арно ја терал до очи. Над очи, една рака мозок н? унесреќува. Од очи, надолу сме среќни, ама тоа над очи, расипува. Туку, кој признава грешка, па Господ да ја признае. Фазла му останало од тестото, и немал каде, ни го дотурил над очи. Со грст подуреденица, ја грешил цела работа. Кога правиш сирење- претерај со мајата, ќе го грешиш целото... Не грешил за шест дена кога го правел светот, ја грешил нас кога не квасел. На Бога сме му биле мили? Згрешени, па мили... Негови сме, нема каде... Не створил: ем будали, ем несреќни, па не чува... Господ дур' не создаде инаква сорта луѓе, грешката да ја исправи, човек ќе биде несреќен. Дур' не н? создаде со по едно око, едно уво, две шкембиња и два задника, ништо не ќе се смени. Вечно ќе бидеме несреќни, од султан до келеш. Олкаво е устичето ама цел свет би го изело, одзади е газот ама перници сонува, мало е шкембето ама цел ден лајна би правело... Човекот е божји марифет што работи на утрешни лајна. Денес што каснува, утре лајна станува. (Насредин скокнува како попарен). НАСРЕДИН Се брзам, пак ќе се видиме... ПЕЈО Поседи уште малку, ефенди, во вакво друштво. Одамна со луѓе не сум поприкажувал... НАСРЕДИН Треба да појдам кај бегот... (Пејо станува и дури го испраќа, со едната нога видливо куца). ПЕЈО Е, штом бегот толку жалел за волот, треба да го потешите. И мене ми е жал, од мое стадо беше... Кажи му, дека си ги видел телињава. Пак ќе му пораснам таков бик. Уште поголем... НАСРЕДИН Го начекав на арните. Инаку, никој пат не ќе го заколеше. Бежицата му е на пораѓање. По девет ќерки, чека наследник. Сте имале к'смет мариовци... ПЕЈО Многу поздрави го. ќе биде машко. ќе видиш... НАСРЕДИН Акалот ти пробива појке од рогови. Главата ти прави, ногата ти пати. Зошто куцаш? Некое говедо од стадото да не те начпара?... ПЕЈО Не, оџа ефенди. Многу ми е арен животов. И за да не ми е с? токму, секогаш в опинок си ставам по едно камче, да ме боцка. НАСРЕДИН Ако ти се мили роговите, не р'чкај се со беговите. (Насредин заминува. Без да куца, Пејо се враќа и седнува да свири). мрак КАРАЃОЗ СЦЕНА На малото платно повеќе ситни фигурички. ГЛАСОТ НА БЕЖАН Стоој, стоој! ГЛАСОТ НА БЕГОТ Кој е овој што н? застанува?! ГЛАСОТ НА БЕЖАН Јунак, бунџија! ГЛАСОТ НА БЕГОТ Штом застанува олку силна војска, овој е или многу голем јунак или многу будала... Слуги! Отсечете му ја главата, да видиме што мозок носи! (Се слуша фијук на сабја со удар во трупец). ГЛАСОТ НА БЕГОТ А, бе, во главава ништо немало. Тиква празна... ГЛАСОТ НА НАСРЕДИН Овој, сигурно бил мариовец. мрак 4. ЗАГОВОРОТ (Пејо, Бежан, Трајко, Трпе, Трајанка, Трпана и Слепецот). БЕЖАН Еднаш му плативме за волот, сега наредил пак да собереме пари, месото да му го купиме! ТРАЈКО Два пати плаќаме ист вол! Ова само во Мариово го има и никаде на друго место. ТРПАНА Мариовци секогаш дупло плаќаат. Така ни било пишано... Тој не знае што да прави сред лето со толку месо, ние со месеци, мевце в уста не сме ставиле... ТРАЈАНКА Волешкото не е убаво... Целото е тегаво, не се вари. ќе го тегнеме живо в уста. СЛЕПЕЦОТ Стомаците ни се расипани од пченицата. Не ќе пречат жили. Месо не сум пробал од Божик... Мирисот му го заборавив... БЕЖАН Затоа што не плаќаш, ти само ќе мириснеш. ПЕЈО Како за без пари, дури два пати... По еднаш на ноздринка. Кртечини ги направи со прстите. Да ти имаше носот барем десет дупки, сите прсти ќе ти беа зафатени. Вака, на две дупки, прстите ти чекаат ред... СЛЕПЕЦОТ Ти пак по старо... Да не беше маната, пари за волот, не ќе се ставеше со луѓе. шуќур и мене да ми ги видите рацете слободни... ТРПЕ Или преѓа држиш, или пченица јадеш... Сега Митра тазе волна ќе ти донесе... СЛЕПЕЦОТ Можеби не чини месото од вол подивен, ама зборот му е убав: месо... Колку волна ваша низ прсти мои поминала, цел живот од вас треба само месо да јадам. А не пченицата да ми ја спомнувате... ПЕЈО Убава е и пченицата ако ја јадеш со мед. Ако имаш мед, немаш пченица. Ако имаш пченица, немаш мед. Ако имаш и пченица и мед, немаш месо. Ако имаш и пченица и мед и месо, те нема тебе. ќе ти ја изедат пченицата. Во животот не чини с? да имаш. (Пејо паѓа на земја. Сите се наведнуваат над него). ТРАЈКО Што ти е бе, Пејо? Што ти стана одеднаш? ТРАЈАНКА Луѓе, отиде човеков... ТРПЕ Нешто му се слоши. ТРПАНА Од радост, ќе касне месо... Го исчува волот, не го проба. ТРАЈАНКА Замина гладен, ненајаден. ТРПЕ Пејо, бе, Пејо, бе... Отиде по волот... ТРАЈКО Убаво вчера што ископавме дупка. Денеска ако каснам од месото, ќе ме мрзи да копам... ТРАЈАНКА Мислевме, лут му е Господ, не го сака. Го сакал -на смрт. ТРПАНА Избркан од манастир, мислевме, никојпат не ќе умре. ТРПЕ Што арен човек беше. Не се раѓа веќе ваков... ТРАЈКО Беше шакаџија. На пукната душа ќе не насмееше. И сега, еве, насмеан патува. Како си, бе, го прашав кога дојде, не ти кажувам, ми вели. Зашто не ми кажуваш- по луѓе ќе ме прекажуваш. ТРПАНА Ако немаше никого, што ќе правиме ние без него... ПЕЈО (Со едно отворено око). Затоа мариовци ја сакале смртта... БЕЖАН Многу се лакомеше на животов. Да не му пречеа, ќе ни го изедеше и нашиот. Мариовците што сакаат живот, бргу умираат. ТРПАНА Затоа е убав мртовец. што убав... Поубав од жив. ТРАЈАНКА Мариовци се разубавуваат на смрт. ПЕЈО Што било убаво да си мртовец меѓу мариовци. Да сме умни, никогаш не треба да сме живи. ТРПАНА Досега, овој е најубавиот... ќе му направиме најубав погреб, каков што не водело Мариово. Ај, да викнеме една... ТРАЈАНКА Ти кога ќе викнеш со гласот твој, отаде ќе го вратиш. ТРПАНА Пејо дочекал да умре. Мариовци треба да чујат. После ќе се туфкаат, не чуле. ТРПЕ Да го однесеме дома... ТРАЈКО Мислиш, меѓу говедана? Пејо нема- дома. БЕЖАН Да го однесеме право на гробишта... ТРПАНА Чекајте, уште е врел. Му чука и срцево... СЛЕПЕЦОТ Не брзајте, нека поживее и на тој свет малку... ПЕЈО Ќе летнам. Не се додржува. ТРПАНА Ние сме виновни за твојата смрт, бацко Пејо, сите мариовци. За животот што ти беше таков, сам си беше виновен, ама за смртта, ние. ТРПЕ Не знаеше да живее, ама лезетски умре. ПЕЈО Не можам повеќе да издржам. ТРАЈКО Дури беше жив да беше ваков мирен, ко него ќе немаше во Мариово. ТРАЈАНКА Луѓе оживува!.. Мрда... (Пејо потстанува). ТРПЕ Оживе? ПЕЈО Тукуречи... А бе, мариовци, не ви е мило што оживев? ТРАЈАНКА Мило ни е бацко Пејо, ама ко поубав да беше попружен. ПЕЈО Ако не, да се вратам назад... БЕЖАН Чекај, што си запнал толку бргу... Кажи што виде таму, па после... ТРПЕ Пеја не го знаете? Му избегал на ѓаволот од пред казан во пеколот. Сега од страв, никогаш нема да умре. ПЕЈО Бев пола, напола. Со една нога овде, со двете на раменици. Ама кога видов колку сум ви мил, се вратив. А таму: станете мртви, да легнеме живи. Едно дрво, една сенка дебела, една чешма со вино и ракија, една софра, а на софрата, од пиле млеко. Нашите мариовци, олколу, наоколу, беговската... Ме викаа, ела седни, ама жаловите ваши по мене, не се трпеа. ТРАЈКО Тебе штом те пуштиле во рајот, нам сигурно ни чуваат место на софра. ТРПЕ А јадењето не го плаќаат ? ПЕЈО Какво плаќање бе, мариовци? Стопаре не потрошуваат. БЕЖАН А ние по два пати истото месо!... Беговите кај беа? ПЕЈО Бег, за иљач не видов. БЕЖАН Беговите се тука! Овде е пеколот! Без нив би ни било рај... ТРАЈКО Така е, мариовци. СЛЕПЕЦОТ Бежан има право. Исковај им некој меч... Пресечете им ги главите, па седнете во рајов, под сенка со мене. По цел ден сум само со Митра. Едвај чекам да се стемни, да се соберете. БЕЖАН Само така, тоа е иљачот -анџарите! Без пари, ќе му го земеме месото на бегот! Со сабји и ножеви! ТРПЕ Еднаш и ние да појаваме коњи седлани! ТРАЈКО Доста ни коваш плугови, исковај ни еднаш мечеви! ТРАЈАНКА Ако сме жени, ти само почни- и ние бечви ќе облечеме! ТРПАНА И ние ја сакаме беговската! И ние сакаме рајот од тој свет во Мариово да дојде! ТРПЕ Го испрдевме животот така, за бадијала. ќе земеме мечеви, глави да сечеме! Бунт, бунт, ќе дигаме! ТРАЈКО Почни со правење мечеви! БЕЖАН Немам железо... (Пауза). ТРПЕ Може со железото од плуговите и мотиките? БЕЖАН Може. Донесете ги сите плугови, казми, лопати... Од утре да почнеме со востанието. Сега, кај бегот, и, со арно -да го излажеме за месото. Парите, ефендија, утре сабајле... Лактов. ТРПЕ Абе, многу бргу да не е. Прво Митра барем да ни направеше од тревките иљач против страв... СЛЕПЕЦОТ Месото, прво... Месото е против стравот. Волот не знаеше за страв. Таква сила е потребна. Месо против страв, а не тревки... ТРПАНА Така е, да се најадеме вечерва беговски... ТРАЈАНКА И да се наспиеме до пладне, беговски. ТРПАНА И уште нешто, в постела -по беговски. БЕЖАН Утре на пладне, овде збор. Сега, да одиме. ТРАЈКО На тргањево, да викнеме едно, ура? БЕЖАН Викнете, бунџии сте, или што сте?! Ај на три пати: урааа, урааа, урааа!... (Заминуваат). мрак 5. КУМСТВОТО (Пејо седнат, наслушува нечие доаѓање. Ја наведнува главата на колена, божем спие. Доаѓаат Насредин и Бегот). НАСРЕДИН Еве, има и послушен човек во Мариово што работи. Спиеш? Спиј, спиј... Барем си дошол на работа. што дека другата раја е будна, кога не работи. ПЕЈО Многу ви години, бегу. (Му прави длабок поклон). Цела ноќ не заспав од радост што ви се родило бегчето, па ете, на миг, сега сонот ме прелагал. НАСРЕДИН Не само во Мариово, дуњаа низ царштинава, од овој поитар нема. Цела ноќ мислев на неговата бистрина. БЕГОТ Јас цела ноќ не заспав од офкањата на бежицата. Дури пред утро се породи... А и за волот ми беше жал. На срце ми беше... Почести го со локум за бегчето. НАСРЕДИН Еве локум, земи... Те чести за бегчето. Не срами се. БЕГОТ Рајава не знае што е локум... Подобро така. Вчера се најадоа месо од волот, денес не дојдоа на работа... НАСРЕДИН Ти јадеше вчера од месото? ПЕЈО Не. НАСРЕДИН Мариовците што јадеа од месото на полудениот бик и тие збеснаа. Денес не дојдоа на ниви... Буна ќе дигале!? Си играат со главите... БЕГОТ Земи од локумот бе, келеш. Кој слуша -локум, кој не -стап! ПЕЈО Нека е живо и здраво. Сполај ви. НАСРЕДИН Долго го чекаше, после девет ќерки. За да му е живо и здраво, првиот што го сретнал од друга вера, бегот го зема кум. Си имал к'смет, тебе прв те сретнавме. На алва, заедно ќе појдеме кај бегот. Јас ќе го пеам бегчето, ти, кумот, ќе го држиш в раце. ПЕЈО Јас кум, јас?! Кум јас? Кум сум на сите беговски телиња и на сите мариовски премрежиња... Сега и на бегчето?... Не бидете јанлаш, откажете се дур' е време, честити ефендии... ќе замине буната, од мене ќе ја стрижете волната... Не правете роговите од мојата судбина, да го набодат бегчето... БЕГОТ Какви рогови бе, будала! ПЕЈО Од волот... Од волот што тепа луѓе... (Покажува со прстите, рогови на глава). По буната, вие ќе си се смирите меѓу себе како ништо да не било, кумот ќе го товарите кабаетлија. Си знам јас... БЕГОТ Волот вчера го заклав!... Неплатено, месото им го дадов на рајата! Не знаете да се радувате... шуќур, добив наследник!... ПЕЈО Дур' го закла, на колку крави тој се качи... Сите телиња да ги заколеш, едно за инает, ќе остане, да тепа. Сега, дур' дремнав, сонував, бегчето како го држам в раце и н? пее оџава... Туку, се зададе еден вол колку една планина и двајцата, бууц, не дигна на рогови. БЕГОТ Како бе, анасана!?... Сега го оставив цицајќи, в раце на бежицата? Никогаш не сте биле саглам, ама денес, од месото, цело Мариово полудело! ПЕЈО Кумот кажува, ефенди, не некој друг... Повеќе верувам на сонот мој, одошто на јавето ваше. БЕГОТ На рогови!?... Аман, бе, таков таксир мене?! Ти Насредин кај бунџиите, јас до дома, да видам бекчето како е! Пак девет ќерки?!... (Ја удира чалмата од земја и излегува гологлав. Пејо и Насредин долго се гледаат). НАСРЕДИН Од што си умен, збудален си. (Заминува. Пејо ја зема в раце големата бела чалма на бегот и ја гледа). мрак 6. БУНТОТ (Бежан, Митра, Слепецот, Трпе, Трајко, Трпана и Трајанка). ТРПАНА Што правело едно полнење на стомакот. Прејадена, спиев како заклана. ТРАЈАНКА А бељи, ноќеска не направи?... ТРПЕ Послатки се бељите в постела на гладно срце. Да почекаме да огладнете, прејадени не може човек да ве свитка. ТРАЈКО Сити, ни нозе сакаш да дигаш, ни востание. БЕЖАН Еден ден истуркавте живот беговски и не се збори со вас. Сега ќе бевте на нива, ќе теравте пости и ќе сркавте кислина за ручек. ТРАЈКО Ако јаде олку секој ден, го жалам бегот. ТРПЕ Ете, прескочивме ужина. Уморни ја преспавме. што ти било беговското?... Пред пладне да поминеш в кревет, на пладне да се испружиш под дрво, на вечер да разговараш за спиење. ТРАЈКО Само кога не си пробал, изгледа чудно. Ете, и за тоа не бивало. СЛЕПЕЦОТ И ние го сакаме тоа турско. Затоа се бориме. ТРАЈКО Турско од утро до мрак. Бунтот е спас... БЕЖАН Само со бунт до тоа се стигнува. Со него ќе си го земеме тоа што ни припаѓа. ТРПЕ Ако сум Трпе, срце не ме трпи: кога ќе го дигнеме бунтот? БЕЖАН Рано е уште. СЛЕПЕЦОТ Не е рано. Кажи ден... БЕЖАН Е, некаде на први мај. СЛЕПЕЦОТ А кога се паѓа први мај? БЕЖАН Е, некаде септември, октомври... ТРАЈКО Ајде не ја должи!... Кажи што треба за бунтот да дадеме? БЕЖАН Пари. ТРПЕ Пари? И за бунт е пак до пари? Абе за бунт барај рака, нога, очи... Ти пак пари бараш! Ти бунтот сакаш да ни го наплатиш како бегот: и за волот и за месото! Бунт не е месо волешко. Гробови ќе копам, меч ќе носам -ама пари, не! БЕЖАН Уште не почнати, кочите. Тоа ти е мариовец... Јас сум виновен што почнувам таква работа со вас. Со мариовци, готова победа ќе ни пропадне. ТРАЈАНКА Не се плаши за пари. Ние ќе ги притегнеме ноќеска, ќе попуштат сабајле. ТРПАНА Ако издржи мојон до сабајле. ТРПЕ Ти само исковај ги мечевите, дај знак за "ура" и ќе видиш кој сум. БЕЖАН Таков те сакам. (Пауза). А бајрак? Под што ќе се собереме?... Бајрак на слобода нема ли да развееме? Треба да купиме убаво платно за него. Ќе платите? ТРАЈКО Паа, добро... Да дадеме ако не се може без бајрак. (Вади од појас ситна монета и му ја подава на Бежан). ТРПАНА Штом ти прв пушти рака, кој знае дали ќе победиме? ТРАЈАНКА Сигурно ќе победиме. БЕЖАН Добро. Сега пари и за боја. МИТРА Со бои од тревки ќе го вапцам. БЕЖАН Со купечка боја да го вапцаш! Да личи на нешто, не на партал за плашење страшила на ниви. Не се тоа алиштава наши... Убаво бајракот да испадне. Бајракот е наша вистина: бунт без бајрак е бунт без вистина. Мене ќе ме слушате или Митра?! Давате пари за боја или не, инаку, востание не ви кревам! ТРПЕ Полека, бе. ќе се најде нешто и за тоа. (Повторно му подаваат парички). БЕЖАН Кој ќе оди до Прилеп по платно и боја? ТРАЈКО Трпе, тој прв се фаќа за појас... ТРПЕ Никогаш не сум бил во Прилеп. БЕЖАН Ти? ТРАЈКО И јас. Оди ти!? БЕЖАН Одамна, јас еднаш сум бил со Пеја само до Плетвар. Кога го видов од рид колкав град е Прилеп, на Плетвар цел ден го чекав Пејо да се врати. ТРПЕ Тогаш, нека оди Пејо... БЕЖАН Никако. Со анатемата фрлена врз него, нема да не благословат в манастир ниту нас ниту бунтот. ТРПАНА Насредин оџа секој ден оди до Прилеп, ама некрстен е. БЕЖАН Ако е некрстен, не е анатемисан. ТРАЈКО Ќе бара и тој некоја пара... Кај било Турчин без рушвет. БЕЖАН Кај ќе се сети ако му нарачаме троа боја купечка... ТРАЈКО Ако се сети, тогаш ќе го подмачкаме со рушвет. ТРПЕ Барем една работа поминавме без да платиме. БЕЖАН А хартија? ТРАЈКО Што ќе ти е хартија?! БЕЖАН Некој да го напише бунтот. Во лето господово храбрите мажи Бежан, Трајко и Трпе го поведоа храбриот народ мариовски и се дигнаа против бегот и турскиот јарем и по крвав судир му донесоа на мариовците слобода. Хартијата е најважна! Сваќате ли?... Ако нашето јунаштво не се забележи, исто е како да не сме се бореле... ТРАЈКО Е, за тоа не цицијам. Еве две парички ќе дадам, само да не напишат што појунаци. Најважно: ќе н? читаат, а кој знае какви сме биле?...Во книгата сами ќе си се напишеме како што сакаме. БЕЖАН Џабе плаќаш. Знаеш да пишуваш? ТРАЈКО Не. (Пауза) Никој не знаеме? (На слепецот) Ти барем да научеше да пишуваш!? СЛЕПЕЦОТ Јас не гледам. ТРАЈКО Не гледаш, што не гледаш, ама барем да научеше да пишуваш, наместо цел живот да им ја држиш на мариовки волната. Сега светов нема за вакви јунаци да дознае... Ете, бадијала се подготвуваме, за едни букви ќе ни пропадне маката... МИТРА Пејо в манастир научи да пишува... БЕЖАН Достате со тој Пејо! Испаѓа без тој келеш ништо не се може во Мариово. Ако му ја дадеме книгата, ќе ни се мајтапи со јунаштвото. Нема да напише како што сакаме. Да најдеме писар, наш човек... Има ли некој друг што знае да пишува?... ТРПЕ Јас. БЕЖАН Ти! Ти знаеш да пишуваш?! ТРПЕ Не, ама знам да пеам. БЕЖАН Тоа не е исто. ТРПЕ Уште поарно е. Вчера кога се прејадов со месото, мислев што среќа не чека од востанието... Не можев од радост веднаш да заспијам, па ми текна песна. (Пее) Ајде поминувам, леле, заминувам на бел камен починувам, ајде починувам, леле, запитувам дека седит Ќучук Митра Ќучук Митра бојаџиката. Ајде да ми вапца, леле, два бајрака. Еден зелен, другијот црвен. Ајде зелениот леле, за на свадба, црвениот леле, за во бојот. (Песната ја прифаќаат и ја пеат со восхит). БЕЖАН Прекрасно! Сега и бунт да не дигнеме, песната ќе остане зад нас. Сврши најтешкото. СЛЕПЕЦОТ Песната ќе не одржи победници... (Влегуваат Бегот, гологлав и испотен и Насредин. Насобраните сеуште пеат и се однесуваат кон нив како да не ги забележуваат). БЕГОТ Кај сте бе, ѓаури!? Зашто ве нема денес по ниви?! Ви се здоарни на гробишта седење?!... Повеќе сакате гробови да копате одошто ниви! Да не ви е од месото вчера што ви го дадов?! ТРПАНА Ни се скршија мотиките. БЕГОТ Бежан ќе ви ги направи. ТРПЕ Ќе ги направи во анџари. (Се смее). ТРАЈАНКА ...И подолги и покуси. (Се смеат). ТРАЈКО Ги направи веќе. Се ладат. (Се смеат). БЕГОТ Ајде, да не трошам зборови! Мотиките и на ниви! ТРПЕ Ние сме со ниет цел свет да го освоиме, тој ни нуди мотики?(Смеење). ТРАЈАНКА Само две ни останаа. За тебе и за бежицата. Еднаш и вие двајца да видите што е мотика. (Смеење). БЕГОТ Вака ли со бег се зборува?! Од едно јадење толку збеснавте?! Секој ден така ако јадете, што ќе стане од вас?! За вас, само камшик! што не правевте вака бикот дури ве бркаше?! Арно ви правеше!... Требаше да оставам до еден да ве очисти! Го заклав за атер на овој!... Сега ќе ви ги пратам заптиите!.. (Заминува. Еуфорија меѓу мариовците). БЕЖАН Видовте што му направивме?... Виде сила народна и побегна!.. ТРАЈКО Ја собра опашката и да го нема. ТРПЕ Не знае тој кои се мариовци. ТРПАНА Ти бе, оџа, остана. Сакаш да гледаш што ниет имаме да правиме!? Е, па гледај, ништо веќе немаме за криење! Дигаме бунт! Доста трпеа Трпе и Трајко, Трпана и Трајанка! Доста мариовци изнатаживме, доста копавме горобави за себе! Сакаме да појадеме и од вашата пченица. БЕЖАН Отсега ние ќе палиме и ќе грабиме!.. Тоа ќе ни биде работа! Ние ќе освојуваме кули, а вие ќе копате! Ако сакаш да спасиш кожа, дур е време, приклони ни се! Оди до Прилеп и купи ни платно и боја за бајрак. До ноќеска, овде те чекаме. Митра в полноќ ќе го вапца и в зори го дигаме бунтот- ја палиме од бегот кулата!... Таа е прва што ќе настрада во Мариово. Прво ќе го освоиме цело Мариово, па с? околу него: Витачево, па Азот, па Пелагонија, па Мегленско, па Соботско, па, па... па цел свет. Разбра?! Цел свет! Цел свет ќе го направиме едно големо Мариово. НАСРЕДИН Ако е за бунтот, веднаш тргам! Момче не ќе ме стигне. Јас сум го прошетал светов и видов: сите Мариова на светот се исти. Мариовците седат под сенка и кројат планови како целиот да го покорат. Во Стамбол има дембели, лежат зинати под круши и чекаат да им капне круша в уста. Муви ако ги јадат, ги мрзи со рака да им мафнат. Најарните планови се од под сенка. Светот е ваква, само малку поголема широчинка, оградена со авлии и плотови. ТРАЈКО До кај ќе стигне наша нога, до таму нашиот плот ќе го ставиме. БЕЖАН На сите, јас ќе им ги рушам плотовите и ќе направам само една широчинка, мариовска, наша. ТРПЕ Е, за такво Мариово, со свои пари, сам ќе купам платно и боја! Еве Насредине земи, само побргу стрчај до Прилеп. СЛЕПЕЦОТ Ебати го светот без плотови. Митра на што ќе ја испружува преѓата вапцана?... ТРПЕ На дрвово, цомбур еден. ќе те обесам и тебе на преѓа. Само ја кочиш работата. На раце ако треба ќе го исушиме бајракот на буната! НАСРЕДИН А која боја да ви ја одберам за платното? ТРПАНА Вистинската. ТРАЈАНКА Најубавата. СЛЕПЕЦОТ Најмиризливата. Немој само кисела боја. Цревава ми се откорнаа од преѓиве. БЕЖАН Измешај од сите бои. Никој да не ни фати за кусо. Ние мариовци вапцани сме со сите бои. НАСРЕДИН А, сте ја виделе ли вие мариовци вистината со каква боја е вапцана? СЛЕПЕЦОТ Уште не сме ја виделе, ама ќе ја познаеме по миризбата. НАСРЕДИН Сум чул, била гола, грда и оветвена. БЕЖАН Ние ќе ја облечеме во наше руво. Вистината секогаш била неправедна кон Мариово и го заобиколувала. Не сме ја виделе и не ни е гајле каква е вистината! Сакам да се борам за вистината! што е важно каква е нашата боја за вистината?! Сами ќе си направиме нова вистина, неизветвена и намирисана. НАСРЕДИН Така ве сакам мариовци. Своја вистина што ќе создадете... Таква вистина заслужува најубав бајрак. Платно за очи. Еве ти ги назад парите. Сам ќе ви купам со свои пари платно и боја. И јас да придонесам малку во работата. (Влегува Пејо, на глава со белата и голема чалма од бегот. Одот, држењето на снагата и гестовите му се отсечни, типично војнички. Сите се стресуваат од страв). ПЕЈО Добар ден, ѓаури! СИТЕ Многу ти години, ефенди. (Длабоко му се поклонуваат). ПЕЈО Кај треба да сте сега, бре ќерата!? Сакате да ве шарам со камшиков по грб?! Сега требаше цели пости да имате истерано, за да заслужите да ждригнете од киселата луканка под сенка... Ајде да видам кој се тие што нејќат да излезат на работа? Ајде, немам време за чекање... Тие што сакаат пак да работат, нека застанат на страна, давам прошка. Ајде... (Еден по еден се префрлаат сите на спротивната страна). ТРАЈКО Згрешивме ефенди, прости ни. БЕЖАН Колај за тоа, ефенди. Мечевите веднаш ќе ги прековам во плугови и мотики. ПЕЈО Како ќе ви текне?! Така?! ќе видите меко, јагабала, ќе се правите бунџии, ќе видите тврдо -слуги. Кажете точно што сте, да знам што да ви правам! БЕЖАН Кажи ефенди, што ќе правиш со нас, да ти кажеме што сме. ПЕЈО Ако сте бунџии, ќе ве тепам, ако сте слуги, ќе ве ебам. (Се гледаат меѓу себе). ТРАЈАНКА Слуги сме, ефенди. Чесно служиме на царштината. (Пејо ја вади чалмата). ТРАЈАНКА Овој бре, бил Пејо наш. Ти ли бре, келеш требаше олку да не исплашиш?! Малку ти е од Митра, па и нашите ги бараш? На кучиња ќе ја фрлам, тебе не ти ја давам. ПЕЈО Атер на чалмава, не атер мене да ми правиш. ТРАЈКО Без жал си бил бе Пејо за нас... Уште буна недигната, направи бечвите да ги наполниме. ПЕЈО Е, добро браќа мариовци, од што толку се исплашивте? Бутурот да не ве фати, од месото недоварено вчера што го гнетевте ? БЕЖАН Зарем мислиш од тебе? Чалмата тера на прскаец... ПЕЈО Што има страшно на чалмава? Еве... (Силно го секне носот и се брише од неа. Вџашен, Насредин заминува од сцената). ПЕЈО Вие ќе ми дигате бунт?... Од една чалма се стресовте... А кога ќе ви излезат заптиите со јатагани?... Да ви дојдат гологлави сигурно ќе ги победите... Ха, ха... БЕЖАН Пред сите мариовци ти се колнам: само нека замине буната, запамети, тебе прв те чистам! Уште на почеток, ваков удар од зад грб буната не очекуваше од своите!.. Сакаш Мариово да ни го истргаш од под нозе?! Тоа самото ќе те казни! Ние сме ништо, но Мариово ни е с?! Само него го имаме! И сите да изгинеме и сите волот да не убиеше, ние овде ќе лежиме. Мариово за тебе е шега, за нас вистина. ТРАЈКО Да ги пробаме прво на овој како сечат анџарите... ТРПАНА Најслатко е кога се почнува од свои. Нејќеме предавници меѓу нас. ТРПЕ Да ги пробаме... Животот го даваме, Мариово не го даваме! ТРАЈАНКА ќе се закопуваме и презакопуваме по еднаш, по два -три пати и пак ќе сме свои на свое. Мариово и како гробница е Мариово. ПЕЈО Само победете... Не оставајте ја напола буната. Чија чалма мене ќе ми суди, не е важно. СЛЕПЕЦОТ Дај да пробам, бе Пејо што марифет било тоа чалмата? ПЕЈО (Му ја става чалмата на слепецот). што убаво те личи да знаеш... Роден за бег. СЛЕПЕЦОТ За ова нешто да носите на глава, дигате буна? Па ова смрдело, пфу, повеќе од преѓана од Митра... И вие сакате да сосмрдете такви? Митра нека ви направи иљач против смрдеа не против страв од чалма... ПЕЈО Не фаќа нејзиниот иљач на бечви наполнети. Еве ви иљач против страв. (Пејо ја зема чалмата од главата на Слепецот). СЛЕПЕЦОТ Абе, не ми ја земај, мерена била за мојава глава. ПЕЈО Еве ви најубаво платно за бајрак. (Ја растура чалмата во едно големо, бело платно. Му го фрла в раце на Бежан). Знаете само да тажите, да јадете нечија пченица, и дури трупате дома грниња со мед, мечтаете и петлите да ви носат јајца и магарињата да ви испрдуваат петолирки. Не удира гром в коприви, не ќе умрете вие никогаш од сабја! Уште на многумина ќе им изедете пченици... Такви востанија не дигаат, такви в раце меч не креваат... Вапцајте го со бојата на вашата крв на вистината. (Платното му го фрла в раце на Бежан). БЕЖАН Песната јунаци! Кој пее, зло не мисли. С? оди според планот. Не ги слушајте нашите кочничари. Со песна, право в манастир, на причесна! (На слепецот) Ти седи тука... Ја запамети ли песната? СЛЕПЕЦОТ Песната не многу, ама с? што видов, ќе раскажам. БЕЖАН Имаш најодговорна задача: да пееш, за да раскажеш. Слеп народен пеач гледа со очите на народот. Кој знае вакви глави, утре што ќе ни измислат... Те оставаме како сведок. Ти за нас да зборуваш ако не се вратиме... Бадијала потопот, ако не останал Ное за него да зборува. Песна востаници пред бој последен утре изутрина! (Еуфорично ја пеат песната и горди, во колона излегуваат од сцената. Се слушаат камбани). мрак КАРАЃОЗ СЦЕНА Се пали светлото од зад малото платно. Врват неколку силуетички на војска со тропот. Пред нив се испречува една фигуричка. ГЛАСОТ НА БЕЖАН Стоој! Стоој!... ГЛАСОТ НА БЕГОТ Кој си ти што не застануваш!? ГЛАСОТ НА БЕЖАН Јунак. Бунтовник! ГЛАСОТ НА БЕГОТ Овој треба да е или многу јунак или многу будала штом се осмелил да застане олку силна војска. Слуги! Отсечете му ја главата! Ај да видиме што мозок му носи... (Се слуша фијук на сабја. Главчето на фигуричката паѓа како паричка). А бе, во неа ништо нема, била тиква празна. ГЛАСОТ НА НАСРЕДИН Оваа глава ќе да е само мариовска. мрак 7. ЗАМИНУВАЊЕТО НА НАСРЕДИН Пејо и Насредин на пасиштето ПЕЈО Она теле таму што скока и она што се задумало, замисли, браќа се. Онаа им е мајка, јуничкана долу. Овој вол му е вујко на она теле. што вујна имаше, да знаеш, што да посакаш, имаше на неа. Онаа окшана е нејзина ќерка... Таа до неа им е прва братучетка. Она пак, само на црвенокоси е мераклија. А оној на црни, на татко му, вчера што отиде... Ене, го жали, онаа, ама тој нејќеше со големи вимиња... А за овците понатаму, уште поинтересно е потеклото... НАСРЕДИН Ушите да им ги јадеш, доста се будалиш. Тебе главата ти виси... ПЕЈО Луѓето дури и говедо ако купат, прашуваат мајка му дали била млечна, од каков домазлак е. Каде си се забрзал? И ти да не брзаш на бунтот? НАСРЕДИН ќе биде лошо. Дојдов по тебе... Заминувам од Мариово. ПЕЈО Почекај, види го крајот на бунава, па оди. НАСРЕДИН Знам што ќе биде. Не прашувај старо, а драно. Нејќум јас да ти го гледам крајот. Сум ја гледал оваа работа порано и друг пат, во други мариова по светов... што к'смет ќе беше, ваков направен... Толку ум а против себе да работиш... ПЕЈО Во Мариово роди се и царче, на тебе магаре ќе се почеша. НАСРЕДИН Жал ми е за тебе, дојдов... ПЕЈО Да се збогуваме? Лесно ти е тебе, магарето врзано те чека. Нема промашување и на туѓо магаре да се качиш, пак во некое Мариово ќе стасаш. Па, оџо, среќен ти пат. Ние запознавме еден оџа повеќе, ти отповеќе едно Мариово. Наврати... НАСРЕДИН Колку и да бегам од Мариовата, секогаш сум во нив. ПЕЈО Јавни ме тогаш мене. Зошто бегање од пусто во празно? ќе згусти, н? нема. И пак така, од едно, во друго Мариово. штом си постојано во некое Мариово, постојано сме во близина. Да не кажуваме тешки зборови на разделба. НАСРЕДИН Алах не можел поголема грешка да направи од итар човек. што му згреши олку на алах... Се навикнав на тебе, што ќе правам сам?... Од твојот ум се прави султан, цар, бог, ако сакаш... А не, овчар и говедар. Не биди будалетинка, ајде со мене... ПЕЈО Каде? НАСРЕДИН Каде јас и ти. Со мене е поблиску. ПЕЈО Во друго Мариово? НАСРЕДИН Да. Само подалеку од ова. ПЕЈО Преморен сум и од ова Насредине, сполај ти. Ти завидувам на силата што можеш постојано да бегаш.. Јас немам кувет да истрпам удари во уште едно, ново Мариово. Кај да влезам, исто е за мене. Исквачен сум да губам. Подобро во своево Мариово да завршам. НАСРЕДИН Моето магаре најубавите цвеќиња ги пасе. Ни видени од око, ни помирисани од нос. Ајде да те помирисаат, да видат во која пустелија, што никнало. Во вазна ќе те ставаат, в чаша ќе те пијат. Не си престарен... ПЕЈО Христоса магаре го однесе в Ерусалим да го распнат, нас мариовци, божјо магаре овде н? прднало. Претумбани, цел живот наопаку се вртиме, со мозокот в газ. Светов е огромна тиква што се врти, расте и зрее на сонце, наполнета од нашата смрдеа. (Му подава паричка на Насредина) Вчера кога беше овде, магарето ти прднало и ја оставило оваа паричка. Твој к'смет е, земи ја. НАСРЕДИН Не мајтапи се со мене. Одамна го сркав јас твоето. Те сетив од прв пат дека си прднат алтан. Од смрдеа правиш злато. Јас, од фамилија, од оџи, растен на шербети и бурмути, дочекав едвај да спасам глава од султанот, да барам милост. Се смилостиви и сургун ме прати. Да бегам усвет, в Стамбол никогаш да не стапнам или главата ќе ми лета. Тоа умот ми го скрои а јазикот ми го направи. И еве, остарен, скитам од Мариово, до Мариово, нозе дури ме држат. ќе се издржи... Првите сто години се тешки, после е полесно... Најважното го имаш, смеата, мајтапењето. ќе се мајтапиме со народов низ царштината... ќе вадиме за леб и тутун. Цар да беше, ќе попуштеше, како да си од царска фамилија... ПЕЈО Сум. Знаеш чија е шупелкава? Не сум тиква без корен. Од неа прв пат излезе песната, царот Трајан има козји уши. Кој знае колку мои претци еретици до сега во неа дувале. Со години бев в манастир, искушеник. Гладував, бладав, се каев, се молев, се подготвував за вистината со Бога. Дури еднаш в полноќ, в сон не слушнав глас, да појдам в црква. Наместо да се молам, паднат на колена, сум засвирел на шупелкава толку фина песна што ангелите заиграа по зидови. Ѓаволот ме искуша и јас сум попуштил. На мене фрлија анатема, црна овца сум сред стадо човечко, во бога не додржав, ѓаволот не ме прескочи. Двете теста во мене кипат и двете од мене протекуваат. НАСРЕДИН Добро насаден, криво изникнат. Страшно ќе те казнат. Се мајтапеше со бегот. ќе му кажат. ПЕЈО Бегот не беше тука. Се мајтапев со страшилото, со чалмата... НАСРЕДИН Уште полошо. Смееш со с? да се мајтапиш, само не со чалми. Кога нема чалма и со султанот можеш да правиш мајтап. ПЕЈО Ти со мене се мајтапиш зашто јас немам чалма?... НАСРЕДИН Веќе доби и ја одби. Од неа направи бајрак за гологлавите. ПЕЈО А што да правам со нив? Да се мајтапам? Затоа ли носиш толкаво чалмиште? Да се заштитиш од гологлавите? Лесно е да се мајтапиш со гологлав, од под чалма. НАСРЕДИН Заради бистрината твоја, мое беше да ти помогнам. Ти се понудив. Чист сум пред себе. Секому не пружам рака. Не сум јас светец. И јас сум од трошна материја. Доста ми е од твоите мајтапи кога со сила се смееш на она од што цел свет плаче. Гледаш до кое дереџе и јас сум дојден... Умен си. Самиот знаеш во кој казан се печеш. ПЕЈО Тогаш, оџа, мое е да ти благодарам за твојата понуда и рака на спас. Убаво што се сетила чалма за гологлав. Ако го подсоберат јазикот и умот, сепак, има надеж за поумните на светов. Чекај да те видам со умов... (Се врти со грб кон Насредина, се наведнува и го гледа со главата од меѓу нозе). Чалма има, оџа нема. НАСРЕДИН Колку години имаш Пејо? ПЕЈО Да не ти се малку твоите, па да ти додадам и од моиве. Моите се триесет и три. НАСРЕДИН Уште смеата ти остана како иљач за неподносливото. Најубави години за полудување. Во кое Мариово да стигнам, се по некој Пејо ќе сретнам. Збогум. (Насредин заминува од сцената. Пауза. Се појавува Бежан со меч). БЕЖАН Слушнав с? што зборевте!.. Ставаш сопки на буната! Мајтапчии, џаболепци, дембели, гомнојадци! Ние ќе крвавиме бунт а ти ќе се гоиш! Во најтешко време си го чуваш газот! Не н? подржуваш! За тебе јас да се кријам по орманиве и да гладувам! ПЕЈО Гладен си? БЕЖАН Сум и тоа колку. ПЕЈО Така кажи бе братче. Еве, земи го моево јадење. БЕЖАН А ти што ќе ручаш? ПЕЈО За правдата ваша и јас еден ден ќе погладувам. БЕЖАН Ќе издржиш цел ден без јадење? ПЕЈО Зашто да не... БЕЖАН Алал да ти е. Јас би цркнал да не каснам цел ден ништо. (Пејо му го подава врзулчето со јадење. Бежан крши од лебот и макнува во толчениот пипер). БЕЖАН (Кивнува силно). Земи го. И цел ден си со толчен пипер и леб? ПЕЈО Цел живот. БЕЖАН Лутиии... Аааа... Ми изгоре устава. Многу било ова бе, луто. ПЕЈО На оваа лутина сега што ја имаш, да ти излезе едно Турче, мајчето ќе му го расплачеш. БЕЖАН Земи го. Ааа... ПЕЈО Тогаш, штом нејќеш пипер и леб, земи една овца. Испечи ја со другарите... БЕЖАН Бела или црна? ПЕЈО Од црните земи... нив почесто волци ги јадат. (Бежан се затрчува по овца. Се слуша клопотење на клопотарци од овци). мрак 8. СМРТТА НА ПЕЈО Средсело. Пејо и Слепецот. СЛЕПЕЦОТ Умни, преумни, само нас двајцата за ништо не не бива. Дури ни за востаници. Незнам дали е поубаво да се види светот или не. Еднаш велам да, друг пат, не. Денеска велам, да. За миг да ја видам буната, па никојпат ако не сум прогледал... ПЕЈО Што ќе ти е уште тој мастраф?.. Нели не помириса убаво, за цел живот ни ја знаеш смрдеата. Ај сети се како ти смрдиме... Ете, што ќе ти повеќе... Ти поубаво н? виде со носот, отколку ние меѓу себе со очите... СЛЕПЕЦОТ Се искапија пред да тргнат на буна? ПЕЈО Не. Само се причестија. СЛЕПЕЦОТ Сосмредени отидоа?... Тогаш, имаат шанса да победат. ќе ги задават Турците со смрдеата. Тоа им е најсилното оружје. ПЕЈО А Турците не смрдат? Заборави чалмата како корнеше... СЛЕПЕЦОТ Сите Турци се со чалми? ПЕЈО Да. СЛЕПЕЦОТ Тогаш, Турците ќе победат, чалмата повеќе смрдеше. Чудна работа, глава повеќе правела смрдеа од газот. ПЕЈО Смрдеата од чалмата има нешто опојно. Борбата е за чалмите. Нашите ако победат, тие ќе им ги земат чалмите и ќе ги наврат на глава а Турците ќе останат гологлави. Најубавиот сон на човека е чалмата да застане на негова глава. Цел живот се тепаме со тој сон. (Доаѓа Митра). СЛЕПЕЦОТ Денеска ќе го убијат сонот и ќе станат слепци. Кој знае кој што сонува, ама во сонот ни е спасот. Сонот ќе им го земат. Нели Митро не е убаво Мариовец да прогледа... Кој знае потоа што ќе му истекне... Еве, со Пејо си кажуваме сонови. Одамна мислам на што ми мирисаш. Сега ми текна... Кога да излезеш пред мене, те сеќавам по миризбата, ама не можев да определам на што реа удираш... Со Пеја ми мирисате на сон. Сите денес го губат својот сон и сакаат да прогледаат, дури и јас. Сега дури ме фаќа страв... Нејќум да ве изгубам како мој сон. Не направи иљач против страв. Направи барем дур' е време иљач против јавето. Балосај н?. МИТРА Не ја научив тревката за таа болест. СЛЕПЕЦОТ Толку тревки а еден сон за боледување. Измисли ја ако ја нема. Болеста не прашува, ќе не кутне сите. МИТРА што дека лекови и иљачи правам, кога овој народ нејќе да оздраве. И јас имам страв. Ги оставив боите, преѓите и отровите и си дојдов по мојата тревка. (Го бакнува во образ Пеја). Ја сонувам и знам мојата тревка против осаменост и страв а никако да ја скинам. Јас да ракувам со неа. Ме плашат, била отровна, како што велат. Најубавата билка во себе има благотворен отров во мали дози. ПЕЈО Оддалеку кога го гледаш, стравот е поголем. Кога ти се доближува, гледаш, се трпи. Се навикнуваш на него како на сопствената миризба. На јаве сум мал, смешен, исплашен... На сон сум принц, господар, убавец... МИТРА Јас на јаве сум бојаџика, треварка, вештерка... На сон сум самовила, кралица, гугутка да ти гукам. Направен си ми за иљач за сон што нема крај. Успиј ме. СЛЕПЕЦОТ Абе, вие најдовте иљач против стравот?... Околу мене сите прават бељи а јас им го збирам стравот. Уште ли ви е страв? ПЕЈО Со ваков иљач, помалку. Ако умрам, барем го пробав. Кај што јазиков ме издава и ме поткажа за уплавот, ќе призбори и мозокот кај ми оди... МИТРА Нека збори слободно, време е да те издаде пред мене. Сакам да ти бидам на јазикот стопан. ПЕЈО Ако ја скршиме тиквата в река полна со смрдеа, сами ќе ни се затворат и устите и носовите. МИТРА Ајде да ја скршиме. Ајде... (Пејо ја зема за рака Митра. На сцената се дига големо црно платно, како на почетокот што беше белото. Митра и Пејо одат зад платното.) СЛЕПЕЦОТ Одете, што и да пробате, ви остана малку време. Немате време на мали голтки сонот да го пиете. Не ќе ве остават... Сеќавам, познати смрдеи ми се наближуваат. Се враќа реата подзасилена... И со десет прсти да ги стискам ноздринкиве, не помага. (Влегуваат Трпана, Трајанка, Трајко и Трпе). СЛЕПЕЦОТ Се вративте? Ги исплашивте Турците?! Се разбегаа... Гас преку глава зедоа?... ТРАЈКО Не пречекаа подготвени во пусии. ТРПЕ И со огромни чалми. ТРПАНА И ни удрија ќотек. СЛЕПЕЦОТ И? ТРАЈАНКА Трпи, трај, трпи, трај, едвај издржавме. СЛЕПЕЦОТ И? ТРПЕ И што и!? Извлековме газ. СЛЕПЕЦОТ И?... Појдовте како арслани, се вративте како посрани. Кај ви е Бежан? ТРПЕ Го заробија и го однесоа в кула. СЛЕПЕЦОТ Што дочекавме... Зар е можно и Трајанка да заноси црно? ТРАЈКО Нас н? не убија зашто нема кој да им работи на Турците по ниви. И нам истото ни се пишуваше. СЛЕПЕЦОТ И Бежан е еден ковач во цело Мариово. Кој ќе им поткова коњи на Турците. ќе му простат. ТРАЈАНКА Така ти се гледа со носот? Господ те чул. Од твоја уста, во божји уши. СЛЕПЕЦОТ Да. Бежанова мајка секогаш бело носи. Ти само никогаш немаш вапцано ништо црно кај Митра и не мирисаш кисело. (Влегува Бежан со голема, шарена чалма на глава. Се однесува и зборува неприродно). БЕЖАН Едни на други сме товар, а не можеме едни без други. Ни Турци без нас, ни ние без клети Турци. што ни стана одеднаш бре, браќа Мариовци? Зашто направивме вакви непромислени, детски работи? ТРПАНА Не знам што ни стана. И јас цело време се чудам што ни стана... С? ми се чини, Митра не ни направи иљач за страв... ТРПЕ Може да е тоа, ама може да е и од месото што го јадевме од волот полуден па и ние по малку забегавме. ТРАЈКО Само Пејо и Митра не јадеа од месото. Или тие се со здрав ум или ние?! ТРАЈАНКА Или тие или ние. Тие се причината за с?! Од нив идат сите несреќи. Не се трпат веќе! СИТЕ Така е!... Или тие, или ние. БЕЖАН Ако ги оставиме да живеат меѓу нас, кој знае на што уште ќе не наведат. Едвај успеав да се ослободам од Турците. Триста ветувања им дадов во кулата, дека ќе работиме, дека ќе бидеме покорни... Пејо и Митра пак ќе не наведат на ваква Ѓурултија! Подобро нивната глава, отколку нашите? ќе бидеме ли послушни? СИТЕ Ќе бидеме. БЕЖАН Ќе бидеме верни слуги на бегот и падишахот? СИТЕ Ќе бидеме. БЕЖАН Без нив двајца, сигурно ќе ги исполниме сите ветувања, со нив, кој знае... СИТЕ Така е. ТРПЕ Пак вака ако не наседнат, нема лесно извлекување жива глава. СИТЕ Така е. БЕЖАН Каде е Пејо?! Каде е Митра?! (Пауза. Се гасне светлото на сцената. Се осветлува црното платно одзади, како во сцените со караѓозот. Ритуално, во силуети, Митра и Пејо, седнати, романтично фрлаат ситни камчиња во вода). Пејо и Митра каде се?! СЛЕПЕЦОТ Незнам, отидоа некаде. БЕЖАН Отидоа да ја скршат тиквата што се попречи во Црна... ТРПЕ Отишле да ги кршат тиквите на Митра што ? скокаат под здолништа. ТРАЈКО Качен е сега Пејо на Митра, како дете на цреша и не слегува дур не го фати пролив. Фаќа од качување на жена пролив? ТРПАНА Требало Пејо малку мозок на Митра да ? ставел... СЛЕПЕЦОТ Каков мозок, бе абдали едни! Митра е саде мозок. БЕЖАН Мозок од Пејо. Тиквите од Митра таков мозок сакаат. Кога водат љубов, мажите на жените постојано им истураат мозок во газот. Затоа вљубениот маж е без памет. Во жената целиот му истекува, затоа жените цел живот се шират во газот. Полн им е со мозок. Во него, цел живот им се притура ум. ТРАЈАНКА Ние дури крвавевме, тие ги исплеткале нозете. Готово. Од вештерка како Митра и гавол како Пејо, вампирчиња ќе се накотат! БЕЖАН Не смееме да чекаме!... Сега ако не го запреме нивното парење, нивното семе ќе го преплави Мариово и сите останати Мариова и никој веќе не ќе може да го застане! Се исплашивме од еден подивен вол а не од зла крв на еретик и вештерка! ТРПЕ Не трпиме такво нешто меѓу нас! Смрт на вампирите! СИТЕ Смрт! ТРАЈКО (Кон Бежан) Добро што те поштедил бегот. Кој ќе не научеше колкаво ново зло може да падне врз нашето Мариово. Само од кај ги виде овие работи толку пред време? БЕЖАН Бегот ме научи. Голем човек е. широк. Рече, нема по втор пат плаќање на месото. СИТЕ Браво... Алал нека му е. БЕЖАН Мене ме назначи за вампирџија во Мариово. По цели ноќи дури ги ковав мечовите, само јас знам колку вампири, преку оџак по искри идеа. Вие не знаете што може с? да направи една искра ако ја подземе вампир!? Може со неа најцрна ноќ да запали! СИТЕ Ааа... ТРПАНА Знае бегот кој чекан, што кова. ТРАЈКО За Насредина прашуваше бегот? БЕЖАН Да. ТРПЕ И? БЕЖАН Да останеше и нему главчето ќе му го откинеше. ТРПЕ Се препознаа со Пејо и воортачија. ТРАЈКО Да ги уништиме барем овие што ни се при рака, дури се парат. После ќе е доцна. ТРПАНА Дури оружјево ни е в раце, дури сме уште крвожедни! ТРАЈАНКА Дури сме спрскани со крв! СИТЕ Напред! (Со дигнатите мечеви, се упатуваат зад црната завеса. Нивните црни силуети со мечовите ги набодуваат Пејо и Митра дури седат во прегратка. Крикови на Пејо и Митра). ТРПЕ Мариовци, абре, Мариовци. Имаше ли Пејо глава или не? ТРАЈКО Не знам, да прашаме. Ама, знам на Велигден купи капа. (Се смеат). БЕЖАН Жени, ајде вие викнете една најсилно... Нека чуат Мариовци една тажаленка. ТРПАНА И ТРАЈАНКА Леле, леле млади в земја лежат, не в постела, туку в црна земја... ТРАЈКО Така, така, посилно. Нека чујат Мариовци што ни направија Турците. Не помина буната без курбан. Така ни било пишано... ТРПЕ Што убаво ни дојде пред време што ископавме дупка. ТРПАНА Не ми оди некако пеењево. С? паметот ме води утре како ќе работам пак по ниви. ТРАЈАНКА Фрли им грст земја, полесна да им е земјата над нив. И ќе ти олесне. ТРПАНА Дочекаа најубава смрт. Камо ваква и ние да дочекаме. ТРПЕ И згора на тоа, заштедевме. Во една дупка двајцата. Само не знам како да лежат, еден во друг или еден над друг? ТРАЈКО Запретани. Ќе фатиме утре со копање нова дупка? ТРАЈКО Само здравје господ нека даде. (Фрлаат по грст земја. Се затемнува светлото од зад платното. Се осветлува силно сцената на која е само Слепецот.) СЛЕПЕЦОТ (Ги трие очите). Господи, прогледав, господи... Мариовци! Јас гледам! Гледедаам! С? видов, с?! С? било мрак! Мрак, верувајте ми. Јас сум гледал, ама само сум го гледал мракот... Мракот ми пречел. (Пред него во бела распуштена кошула во танцување, поминува Трајанка. Пејо се фаќа за очи). ТРАЈАНКА Абе, ти вистина си прогледал штом почнав и јас да ти блештам со белово? Еве ќе заминам, дури ти се навикнат зениците на олку светлина. (Заминува) СЛЕПЕЦОТ Прогледав, прогледав, луѓе! Мариовци, гледам! Сега ќе се качам да ви кажам! ќе се качам на дрвово, од повисоко да чуете с? што сум видел! С? видов, с?! Ја видов вистината, го дофатив сонцето! Држете ги носевите, пукна тиквата! Во своја смрдеа ние сме се давеле! (Се качува нависоко и се губи во височината на сцената). Сега ќе ви го симнам сонцето, слободата што ја сакаат моите Мариовци... Тие гинат за неа, ама јас ќе им го донесам сонцето... Прогледав, луѓе прогледав!.. Ја видов вистината, го дофатив сонцето!.. Жолто, златно, топло! Држете го Мариовци! ќе го обесиме под дрво, да ни свети како фенер, лете и зиме, дење и ноќе! Ако ни здодее некој ден слободата, сами ќе решиме: ќе ја пресечеме, или ќе ја дадеме на подарок на Султанот! Или, или од семките на сонцето ќе рездаваме на сите за расад... Под пенџер да си го посадат сонцето!... Држете Мариовци! Паѓааа!... (На сцената одозгора паѓа голема тиква што се искршува). мрак крај